Методологија

Истражувањето на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во јавните набавки е извршено врз основа на однапред утврдени цели, критериуми и индикатори за мерење на нивото на институционално остварување на овие три принципи во трошењето на јавните пари.

Главната заложба на поставената методологија беше да ги опфати сите фази во јавните набавки, односно и оние кои формално не се опфатени со процедуралниот Закон за јавните набавки, но се дел од циклусот на јавните набавки и од чие спроведување во голема мера зависи ефикасноста на јавните набавки.

Самото истражување се спроведуваше во неколку фази и траеше девет месеци, односно од април до декември 2017 година.

Најпрво, беше спроведено испитување на јавното мислење на граѓаните и на претставниците на приватниот сектор, како и на медиумите и невладините организации за нивото на транспарентност, отчетност и интегритет на институциите и потребата од нивно унапредување. 92% од вклучените 400 испитаници сметаат дека државните институции не се транспарентни во трошењето на јавните пари и би сакале да имаат повеќе информации за трошењата преку јавните набавки. Ова испитување ќе служи како основа за натамошно мерење на ефектите од преземените мерки од страна на институциите во следните години.

Потоа, беше изработен индикативен список на индикатори врз основа на домашни и соодветни меѓународни искуства и сознанија, којшто беше дополнително доработен и унапреден од страна на експерти и практичари од земјата и од регионот од аспект на релевантност и тежина на индикаторите, достапност на потребните податоци и другите инпути, нивна униформност, како и податност за натамошна обработка, споредба и анализа.

Предлог-листата на индикатори за мерење на нивото на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки беше предмет на широки консултации со повеќе од 170 претставници на државните институции, невладините организации и бизнис-секторот, во серија јавни работилници организирани во сите осум региони во земјава.

Така утврдените индикатори беа тестирани врз одреден примерок, а потоа се премина кон обемно истражување кое опфаќаше прибирање на повеќе од 36.000 индивидуални податочни вредности обезбедени преку извлекување податоци од Електронскиот систем за јавни набавки, ги опфаќаше добиените одговори од испратените барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер од анализираните институции и жалби до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер онаму каде што беше потребно, како и информациите од истражувањето на интернет-содржините на вклучените институции.

Прибраните податоци беа класирани и впишани во соодветни матрици за натамошна обработка. Пред да се пристапи кон анализа на податоците, беше извршена вкрстена проверка на податоците.

Финалното рангирање на институциите е извршено преку индексирање на состојбата врз основа на 31 индикатор (кои се дадени во прилог на оваа публикација). Зависно од вредноста на прибраните податоци и состојбата добиена како одговор од самите институции, секоја институција најпрво добива одредени бодови за секој индикатор (0, 1 или 2). Индикаторите со описна вредност се бодуваат соодветно во зависност од доделениот одговор, ’да‘, ’не‘ и ’делумно‘. Индикаторите со нумеричка вредност, пак, најпрво се ставаат во однос со просечната вредност за таа појава или индикатор, а потоа се бодуват во зависност од тоа дали се движат под или над просечната вредност.

На крајот, финалното рангирање е извршено врз основа на процентуалното исполнување на критериумите што го сочинуваат нивото на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во јавните набавки. На пример, ако една институција има добиено вкупно 31 бод од вкупно можните 62 бода, таа ќе има 50% исполнување на критериумите за целосна транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.

За голем број индикатори е извршено сложено индексирање на појавните вредности за да се дојде до една, конечна, унифицирана и споредлива вредност за секоја институција одделно.

Важно е да се напомене дека за најголем дел од прибраните податоци, одговорноста на нивната вистинитост лежи кај самите институции кои ги доставуваат информациите и до Електронскиот систем за јавни набавки и како одговори на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Меѓу ограничувачките фактори во истражувањето можат особено да се споменат следниве два. Првиот е несоодветниот формат на податоците на Електронскиот систем за јавни набавки кои не овозможуваат нивно лесно и автоматско преземање и натамошна обработка, што самото по себе наметнува потреба од голем обем на мануелен трудоинтензивен ангажман. Вториот ограничувачки фактор е инертноста на институциите во однос на доставување на побараните документи и податоци, што наметнуваше потреба од значаен дополнителен ангажман во насока на целосно обезбедување на потребните информации, којшто, пак, во значителен број случаи резултираше и со водење жалбена постапка пред надлежната државна комисија.

Ова прво рангирање од ваков вид во земјата е направено за состојбата и начинот на спроведувањето на јавните набавки на вклучените институции во 2016 година, како последна целосно завршена година. Исто вакво истражување ќе се направи и за 2017 и за 2018 година.

Ваквата временска поставеност на истражувањето ќе овозможи утврдување на една базична состојба и ниво на транспарентност, отчетност и интегритет на институциите во јавните набавки и можност за натамошна споредба и мерење на постигнатиот напредок.

По ова иницијално истражување, во истражувањата и рангирањата за следните години ќе се прошири опфатот, со вклучување на институциите на локално ниво, односно општините и градот Скопје, така што за 2017 и 2018 година вкупно ќе бидат опфатени повеќе од 100 институции.